Life Academy

Life Academy

Share

Да го промениме она што можеме да го промениме и да го прифатиме она што не можеме да го промениме.
Место за мотивација и инспирација.
Заедница каде секој е поддржан и информиран за настани и содржини што нè прават подобра верзија од себе. Добредојдовте на Facebook страната на Life academy.

Тука ќе Ве информираме за нашите редовни часови, настани, јин курсеви и работилници.

Формулар за запишување https://bit.ly/Life_academy

14/07/2026

На ова често и сосема разумно прашање, единствениот искрен одговор е: „Зависи!“

Зависи од вашата моментална здравствена состојба, но и од тоа што подразбирате под зборот „најдобар“ – дали барате безбедност, превенција, забавување на болеста или начин да ја вратите густината на коските? Предвид мора да се земат и возраста, степенот на остеопороза, локацијата, начинот на живот и, најважно, препораката од лекар.

Тука нема црно-бели одговори. Поактивни постари лица можат безбедно да практикуваат повеќе форми на јога. Од друга страна, кај лица со тешка кифоза, секое свиткување нанапред (флексија) носи ризик од фрактури на прешлените.

- За превенција: Најдобри се активни пракси во стоечка позиција, каде што се носи сопствената телесна тежина.

- За веќе присутна остеопороза: Јогата може да го забави губењето на коскената маса, но не е докажано дека ја зголемува густината. За тоа е потребен тренинг со отпор и оптоварување (одење, трчање, тегови).

- За тешка форма на остеопороза: Најдобра е лесна, ресторативна јога со минимален притисок, каде целта е едноставно да се спречат фрактури за време на вежбањето.

Наместо да барате универзален одговор, дефинирајте ја вашата намера. На телото му е потребен умерен стрес и притисок за да го одржи здравјето – целосното избегнување на оптоварување само го забрзува губењето на коскената густина. Кога ќе ги одредите целите, секоја пракса може да се прилагоди за да одговара на вашите уникатни околности, водени од стручни совети и лична свесност.

#функционалнајога #остеопороза #вежбање #јогабитола

29/06/2026

Јули е резервиран за јин јога на ѕид.

Пред да заминеме на летен распуст, имаме уште точно 3 недели — 3 часови за целосно опуштање.

Знаете дека местата се ограничени и нормално, веќе пополнети од нашите редовни јинстери. 🤍

Но, можете да си ја зачувате објавата и следното лето да си го резервирате местото на време. 😉

#јинјога #јоганаѕид #релаксација #Битола

26/06/2026

Кога сѐ што правиме е со свесно внимание и целосна присутност, се потсетуваме колку е неверојатно да ги погледнеме со нови очи нештата што ги повторуваме секојдневно.

Благодарноста не е само чувство, таа е и силен мотиватор. Кога на секој човек со кого ќе се сретнеме гледаме со очи на сочувство, тоа нѐ поттикнува да преземеме акција. Каква ќе биде таа акција зависи од личност до личност и од ситуација до ситуација. Но, кога сме навистина свесни и будни во сегашниот миг, одговорите доаѓаат сосема природно и лесно.

На физиолошко ниво, овој јин час ќе биде посветен на секвенца за колковите, со намера да откриеме како преку свесноста да ги разбудиме благодарноста и сочувството во нас.

🗓 Недела, 28.06.2026 г.
⏰ 19:15 – 20:15 ч. (терминот е пополнет!)
📍 Life Academy, Битола

#ЈинЈога #ТичНатХан #благодарност #ЈогаБитола #свесност #сочувство

23/06/2026

Уметноста на менувањето

Најверојатно веќе не си истата личност што беше кога дипломираше, кога стапи во брак, кога го доби првото дете или кога почна со работа. Животот едноставно има начин да те промени. Живееш и учиш. А додека учиш, растеш на начини што понекогаш се видливи, а понекогаш сосема суптилни. Понекогаш тие промени не ги ни забележуваш сè додека не се сретнеш со пријатели кои не си ги видел со децении, или додека не ти излезе некоја објава на социјалните мрежи од пред десет години. Тоа чувство често е надреално — како да гледаш во друга личност — и тогаш јасно ги гледаш поглавјата од твојата животна приказна.

Како што поминува времето, важно е да запомниме дека и луѓето околу нас растат и се менуваат. Понекогаш животните патишта нè зближуваат, а некогаш мораме намерно да бараме заеднички јазик за да ја одржиме таа врска. Но, без разлика каде ќе те однесе животот, дел од растењето е постојано да учиш како повторно да се создаваш себеси.

Можеби работиш во истата компанија веќе триесет години. Можеби си почнал како практикант и си стигнал до висока позиција, или едноставно си ги користел лекциите од луѓето околу тебе за да напредуваш во својата улога. А можеби си ја променил кариерата три или четири пати. Без оглед на тоа што си студирал, си научил да се прилагодуваш на нова средина, да прифаќаш предизвици и да ги користиш вештините што си ги собрал на патот.

Без разлика на твојот досегашен пат, денес е сосема нов почеток. Секој ден имаш можност да ризикуваш, да научиш нешто ново, да ги прошириш сопствените граници и да станеш она што навистина си. Понекогаш е потребна само мала промена во перспективата за да сфатиш дека патот по кој одиш повеќе не е за тебе.

Каде се упатуваш следно?

#личенразвој #промена #новопоглавје #мотивација #инспирација #самодоверба #почеток #учење #напредок #себеспознавање #внатрешенмир #свесност #Битола

19/06/2026

Оваа недела нè очекува најдолгиот ден во годината и Светскиот ден на јогата, а ние имаме намера да научиме како да се оладиме за периодот кој доаѓа. 🌅

Секојдневно вдишуваме околу 20.000 пати, но ретко размислуваме како го правиме тоа.. 🌬️

Како што нагласува и познатата Д-р Шели Телис: дишењето преку уста го активира „стресниот“ режим во телото, додека дишењето преку нос го смирува умот, го намалува притисокот и му дава до 20% поефикасен кислород на организмот.

Физиолошки, овој час ќе биде јин-секвенца за 'рбетот и колковите.

🗓 Недела, 21.6.2026 г.
⏰ 19:15 – 20:15 ч. (терминот е пополнет!)
📍 Life Academy, Битола

#ЈинЈога #Дишење #ЈогаБитола

16/06/2026

Купувате конец за заби.
Имате искрена намера конечно да го воведете во рутината.
Дури и активно размислувате за тоа.
И потоа? Ништо. Не го правите тоа.
Наместо тоа, тој едноставно... исчезнува во фиоката.

Намерата беше тука, навистина. Но, тогаш сфативте дека немате јајца во фрижидерот, проверивте само еден „итен“ мејл (кобна грешка) и згазнавте боси во нешто сомнително и топло што кучето дефинитивно го оставило како предупредување.

Проблемот не е во тоа што ни недостигаат добри намери, туку што ги оставаме нашите намери да лебдат во просторот, без сидро. Си велиме дека ќе го направиме тоа „подоцна“. Но, „подоцна“ е мит кој никогаш не се појавува во календарот.

Мотивацијата е одлична за да ја запали искрата. Но, таа никогаш не останува доволно долго за да го одржува огнот. Навиките што траат не се потпираат на инспирација. Тие се потпираат на асоцијација.

Не е клучно што сакате да направите — туку кога точно ќе го направите тоа.
Кога имаме „сидро“, ги извршуваме дејствата по автоматизам — без размислување, без внатрешна борба и без потреба од потсетници. Тоа е клучот на успехот.

Повторувањето е добро за почеток. Но, автоматизмот е она што ве одржува на патеката — особено во деновите кога едноставно не ви е до ништо.
Дозволете му на моментот да памети наместо вас

Ако сакате да внесете нова промена во вашиот живот, направете го следново:
• Изберете една микро-пракса што сакате да ја воведете.
• Изберете го вашето сидро (постоечка навика).
• Довршете ја оваа едноставна реченица:

„Откако ќе [сидро], јас ќе [микро-пракса].“

Пример:
„Откако ќе ги измијам забите наутро, ќе прочитам 10 страници.“

Штом една навика ќе добие своја точна адреса на која треба да „слета“, таа престанува да зависи од вашата силна волја, моментална мотивација или меморија.

Таа едноставно се случува. Дури и во оние денови кога едвај функционирате.

#навики #мотивација #личенразвој #инспирација #Битола

11/06/2026

Дали некогаш сте се фатиле како гледате во една точка, додека умот ви патува со светлосна брзина?

За ова е одговорна т.н. DMN (Default Mode Network) или мрежата со стандарден режим во нашиот мозок. Тоа е нашата внатрешна мрежа за сонување со отворени очи. Таа се активира секогаш кога не сме фокусирани на конкретна задача, дозволувајќи му на умот да талка.

Иако оваа мрежа е важна за креативноста, таа има и своја „темна страна“. Кога умот е оставен на автопилот, честопати паѓаме во замката на:

• Руминирање: вртење во круг и повторување на минати, негативни настани;
• Катастрофизирање: креирање црни сценарија за иднината;
• Некорисни мисли: трошење енергија на нешта кои не соодветствуваат со реалноста во моментот.

Нашиот ум е „фабрика за мисли“, но тоа не значи дека не можеме да научиме како да ги спречиме некорисните мисли.

Затоа, оваа недела ќе му дадеме конкретни „задачи“ на умот, а на физички план ќе практикуваме јин секвенца за четирите квадранти на нозете.

🗓 Недела, 14.6.2026 г.
⏰ 19:15 – 20:15 ч. (терминот е пополнет)
📍 Life Academy, Битола

#ЈинЈога #ГрижаЗаСебе #СправувањеСоСтрес #ЈогаБитола

Want your business to be the top-listed Gym/sports Facility in Bitola?
Click here to claim your Sponsored Listing.

Category

Telephone

Address


Улица Никола Тесла бр. 68
Bitola
7000

Opening Hours

18:00 - 21:00